Спортското качување односно слободното качување како што го нарекуваа, првите почетоци ги има во 80сетите години каде група качувачи сакале да го подигнат нивото на тежинската скала во качувањето на карпа. Тоа се Патрик Едланжер, Патрик Бероу од Франција, Волфганг Гулих од Германија и Рон Коук од САД итн.
Зошто слободно качување? До тој период искачувањето на насоките било на секаков можен начин, поточно за да напредуваш во карпата покрај клиновите што ги коваш за твојата безбедност истовремено преку гуртната ги користиш и за качување односно напредување. Со појавата на оваа група качувачи доаѓа до искачување на досегашните насоки во слободен стил односно повторно со клинови и јаже, но при напредувањето не ги користиш клиновите туку само карпата и нејзините фаќалишта.
По кратко време се појавуваат и првите насоки со повисока тежинска оцена, на компактни карпи каде се монтираат експанзионите клинови. При искачувањето на овие насоки доаѓа до подигање на тежинската оцена впрочем насоките се со тежина VII по УИАА скалата. Веќе во 1983 година Патрик Едланжер ја отвара и ја искачува првата насока со тежина 7 а по француската скала ( VIII по УИАА ) , со што започнува и ерата на екстремното спортско качување, велам спортско качување бидејќи терминот слободно се исфрлува од причина што и алпинистите во своето качување го отфрлаат влечењето на гуртни при напредување во качувањето.
Бројот на спортските качувачи се зголемува и тие доаѓаат на идеја нивното качување да го одмерат на натпревар. Така што првиот пробен не официјален натпревар се одржува во тогашна Југославија, поточно во Сплит, во организација на Патрик Едланжер-Франција, Ивица Пиљиќ и Метод Шкарја-Југославија, Бен Мун-Англија. Натпреварот се одржува на карпата Марјан во периферијата на Сплит, а насоката која треба да се качува е “нa поглед ( on sight) со тежина VII+ , а носи име Чарли Чаплин. По овој натпревар доаѓа до голема експанзија на спортски качувачи, така што УИАА(Обединета Меѓународна Асоцијација на планинари, алпинисти и спортски качувачи) одлучува да го одржи и првиот официјален натпревар на светско ниво. Натпреварот се одржува во Бардонекија, Италија. На него учествувале околу 120 натпреварувачи, а нормално доминирале доајените на спортското качување.
По Бардонекија следи и првиот Мастер Куп (куп на најдобрите) кој се одржил во 1989 година во Арко, Италија, а и сеуште опстојува и е еден од најголемите настани во овој спорт. Насоката на овој мастер куп била со тежина 7b+ ( IX UIAA) Веќе од 1989 година започнува и спортско качувачката светска лига. Таа е организирана од страна на УИАА-комисијата за спортско качување, за да во 1993 година премине во ICC-International Council of Competitive Climbing (Меѓународен совет за спортско качување) тело со највисок ранг во UIAA. Со започнување на лигата натпреварите добиваат друга димензија. Тие се одржуваат на вештачка карпа, со што започнува ерата на вештачката карпа. Во прво време натпреварите се одржуваат на отворено, а потоа исклучиво во затворен покриен простор односно спортска сала. Првиот таков натпревар на вештачка карпа е во Франкфурт-Германија, а последниот на природна карпа е во Велико Трново-Бугарија, истотака последниот натпревар на вештачка карпа на отворено е во Албена-Бугарија.
Во Македонија почетоците на слободното качување започнуваат со Трајче во почетокот на 80сетите години, кој е и претставникот од Македонија на првото Југословенско првенство во спортско качување во Сплит на Марјан 1985година. Потоа слободното качување највеќе го манифестираат новата генерација алпинисти како Владимир Трповски и Лазо Лазаров. Впрочем во тоа време сите алпинистички насоки на качувачкиот локалитет Матка секачуваат слободно. Владимир и Лазо ја отвораат првата спортско качувачка насока Џамбо Џет (6с+) и го прават првото искачување на таа тежина во Македонија. Во тоа време се појавува и се обучува втората генерација спортски качувачи Зоран Пејковски-Пуци, Мартин Трајковски, ДејанПетровски-Декла, Свето Антовиќ, Александар Чорбески-Чорба. Генерација која заедно со доајените, направи многу за Македонското спортско качување. Пуци и Владо ја искачуваат првата Македонска 7с+ насока и така се крева тежинската оцена. Првата 8а насока е искачена од Васко алијас Фуки. Впрочем сите придонесуваат за успехот на спортското качување. Женското качување започнува со првата Македонка која качила 6с+, а тоа е Ива Апостолска впрочем е и првата македонска натпреварувачка. Првата 8а+ еискачена од Кире Серафимовски и Ване Наунов во Гејикбајири, Турција. Првиот 8а болдер е од Марио Минчевски во Прилеп итн. Мораме да напомене дека во 1999 година за првпат Македонска спортско качувачка репрезентација учествуваше на Светски Куп во Крањ, Словенија и тоа Мартин Трајковски, Зоран Пејковски и Свето Антовиќ и на Светско Првенство во Бирминген Англија и тоа Мартин Трајковски, Дејан Петровски-Декла и ВладимирТрповски .
Од тогаш па наваму натпреварите добиваат подруга димензија. Натпреварувачите не се веќе големи ентузијасти, туку професионалци, кои се присутни на сите спортски манифестации, големи парични фондови кружат околу организацијата на овие купови, првенства, семинари и курсеви во спортското качување. Сите се организирани под капата на Светската Федерација за спортско качување (International Sport Climbing Federation - www.ifsc-climbing.org).
Сето ова кулминира кога спортското качување станa и олимписки спорт во 2020 во Токио, со што влегува во алејата на редовни и масовни олимписки спортови.
Организираноста на спортското качување во РМ започнува прво како Комисија за спортско качување при Планинарски Сојуз на Македонија, потоа прераснува во Спортско Качувачка Асоцијација при Федерација на Планинарски Спортови на Македонија за да во 2010 година прерасне во Македонска Спортско Качувачка Федерација која се грижи и ги обединува сите спортски качувачи во Република Македонија, полноправна членка е на МОК, на ISFC и ја преставува Македонија на сите меѓународни натпревари во спортско качување. Нејзиниот прв претседател беше Владимир Трповски доајенот на спортското качување во Македонија.
Исто така МСКФ се грижи и за развојот на спортското качување во Македонија на природна карпа, и преку своите комисии отвора нови насоки за спортско качување, преку своите коубови организира курсеви на природна карпа и води евиденција за сите спортско качувачки насоки како со една така и со повеќе должини на едно јаже насоки во Македонија.